М365: Како ја оценувате 2018 за вашата ПР агенција? Што е она по што ќе ја паметите најмногу?
Интересна секако. Би рекол дека беше одлична година за Чептер 4 Македонија и тоа во сите сегменти на работењето. Веќе сме во седмата година од нашето постоење кога е неопходно да се покаже „наученото“ и да се зацврстат темелите на една сериозна Агенција со свои вработени, со постојани клиенти и со потенцијални соработници. Нормално е да има промени во насоките и редефинирање на активностите согласно потребите на пазарот. На последниот Управен одбор одлучивме називот Агенција за односи со јавност (ПР агенција), во иднина, да го комуницираме и прошириме како Агенција за комуникации, која во своето работење ќе вклучува интегриран пристап на комуникација.
Годинава, најмногу ќе ја паметам по задоволството во однос на продолжување на соработката со одредени постојани клиенти и склучување договори за соработка со нови клиенти. Работењето во Агенција од ваков профил може да биде стресно и поради постојаното менување на клиентите со кои што се работи. Но, довербата која сте ја изградиле и квалитетот на услуги што го нудите на пазарот, овозможува година како што нам ни беше 2018 год. и секако, ја посакуваме и за 2019 год.
М365: Како гледате на симбиозата помеѓу ПР професионалците и новинарите во Македонија?
Иако станува збор за две потоплно различни професии, тоа сепак не ја исклучува соработката меѓу ПР професионалците и професионалните новинари. Еден сегмент од работењето на Агенциите за односи со јавност е и соработката со медиумите. Во Македонија се дава сериозно значење на овој сегмент, како што е и во други држави во Европа.
Од една страна, професионалците за односи со јавност пласираат содржини до медиумите и се обидуваат тие да бидат презентирани пред одредена целна публика. Од друга страна, новинарите, најчесто, добиваат квалитетни информации кои ги објавуваат за својата публика. Притоа, во овој однос, постои искреност и етичност во соработката и взаемна поддршка во име на јавноста. Во суштина и двете професии ја имаат истата цел и обврска – да ја информираат јавноста, само што се разликуваат комуникациската форма и начинот.
М365: Што е она што најмногу Ви смета како пракса на медиумите во Македонија?
Генерално, сите сме свесни дека состојбата во медиумскиот простор во нашата земја, сé уште, е во фаза на т.н. „метаморфоза“, но важно е дека и на национално ниво се работи на оваа проблематика и нештата почнуваат да се придвижуваат кон стандардите во развиените земји.
Се надевам на што поскоро прецизно дефинирање на просторот за работење на интернет медиумите, воведување правила и стандарди во професионалното работење, посебно при користење на социјалните мрежи како извор на информации, поголема проверка на информациите во вестите пред нивно објавување и професионален пристап од одредени познати и непознати новинарски имиња и медиуми.
„Copy – paste“ принципот во информирањето е непрофесионален и никому не гарантира квалитет. Според мене, како дипломиран новинар и магистер во сегментот на медиумите, подобро е одреден медиум да се натпреварува во просторот со помалку, но со поквалитетни и проверени новинарски текстови, отколку да фабрикува квантитет со лажни и измислени вести, непроверени факти, лошо преведени текстови, неавторизирани информации… Посакувам подобрување на условите за работа во медиумите, подобрување на безбедноста на новинарите и доведување на нивните плати на достоинствено ниво.
М365: Која е Вашата желба за 2019 година за комуникациската индустрија во Македонија ?
Кога одредена професија е „млада“, а Комуникациите и Односите со јавност во Македонија, сé уште го имаат овој предзнак, тоа во принцип значи дека има уште многу да се учи, да се создава, креира, менува… Моја лична желба за наредната година е да се интензивира и подобри професионалната соработката помеѓу Агенциите кои навистина практикуваат Комуникации и Односи со јавноста. Од една страна, тоа ќе ги направи „помоќни во одбрана“ на професијата од непрофесионалните атаци и личности а од друга страна, ќе дефинира локални правила на игра, преку чие почитување и негување, ќе се создаде фер терен за настап и за професионален натпревар во покажување на квалитетот.
Искрено, се надевам и посакувам да се обнови старото Здружение за односи со јавност (ЗОЈМ) или да се создаде ново професионално здружение, кое како постоечките здруженија на новинарите, ќе се грижи за стандардите, етичноста и квалитетот на работење на Агенциите.