Со својата кампања „Муви најт“ креирана за фестивалот на европски филм Синедејс, агенцијата Публицис Скопје и оваа година предизвика внимание кај љубителите на филмот, афирмирајќи го најпознатиот филмски фестивал во Македонија.
Во земјата „Муви најт“ може да се чита двосмислено – како летни филмски вечери на отворено, ама и како мувите во лето, разиграни на ладно парче лубеница. Токму таква е и креативата на оваа кампања која повикува на филмско дружење во топлите летни вечери и освежување со најдоброто и најсвежото од европската кинематографија.
„Секогаш е задоволство да се соработува со луѓе од креативната индустрија, кои ја ценат слободата и кои секогаш ни дaваат доволно простор, за нешто ново, интересно и забавно. За нас ова е 13-то издание на Синедејс, и 13 кампања која ја работиме про боно за негова промоција. Со креативната поддршка на Синедејс, ние како Публицис сакаме да дадеме поддршка на културата во земјава, да афирмираме вистински вредности, да поттикнеме што поголем интерес за филмот како уметност, и да ги повикаме луѓето во што поголем број да дојдат на фестивалот и да уживаат“ – велат од Публицис Скопје.
Со 6 фестивалски дена, 52 филмски наслови, 11 придружни програми и над 50 филмски гости, Синедејс и ова лето беше центарот на сите културни случувања во Скопје.