После познатите плетени ракавици на американскиот сенатор Берни Сандерс, уште еден предмет привлече огромно внимание кај луѓето откако се појави на телевизија.
Актерот Кристофер Најт објави дека плетените столици на кои седеа Хари и Меган Маркл за време на познатото интервју со Опра Винфри, кои ги продава неговата компанија за мебел, веќе не се достапни на страниците како Амазон и Оверсток.
Мебелот на компанијата „Кристофер Најт Брендс“ беше распродаден откако се појави во бомбастичното интервју прикажано во неделата вечерта.
„Во сензационалното интервју на Опра со принцот Хари и Меган, кој воопшто би помислил дека некој ќе го забележи мебелот, но беше и тоа како забележан. Чест ми е што столовите од мојата колекција станаа центар во едно од најфасцинантните интервјуа познати во поновата историја“, напиша Најт.
Меган и Хари седеа на сет столови кои чинат 554 долари додека откриваа шокантни наводи за расизам во Бакингемската палата и зошто ги напуштиле високите позиции во британското кралско семејство. Интервјуто внимателно го следеа околу 17,1 милиони гледачи во САД и 11 милиони гледачи во Велика Британија, а прашината која што ја крена сè уште не се спушта.
Комплетот столици е дел од колекцијата која што беше претставена за прв пат оваа сезона. „Иако веќе се продаваше добро, вниманието што ова интервју го донесе на производот ја забрза продажбата повеќе од сите наши очекувања“, изјави портпаролот на компанијата.
На Фејсбук, Најт објасни дека не го дизајнирал сетот, нагласувајќи го „одличниот вкус и вештини на неговите деловни партнери во испораката на линија мебел што е прифатлива и погодна за кралските семејства – како странски, така и домашни“.
Во 1988 година, Најт направи пауза од актерството за да продолжи со неговиот бизнис. Стана сериозен претприемач, основајќи компанија за 3Д графика и производи за едукација, а во 2012 година го лансираше својот бренд за мебел.