(СВЕТ) – Влијанието на социјалните мрежи врз телевизијата постепено расте од година во година, покажа најновото истражување на агенцијата Нилсен.
Со појавата на таблетите, лаптоп компјутерите и смартфоните, ТВ гледачите сега имаат прилика додека ја гледаат својата омилена телевизиска емисија, спортски натпревар или филм во исто време (а и пред и после) да разменуваат мислење со другите корисници на социјалните мрежи.
Над 25% од испитаниците одговориле дека поради социјалните мрежи тие имаат информации за повеќе ТВ програми. Овој процент во 2012 изнесувал 18%.
Дури 11% од испитаниците рекле дека социјалните мрежи стимулираат поголемо гледање на телевизија во живо, за разлика од 2012 година кога овој процент изнесуваше 8%. Истражувањето покажа и дека просечна возрасна личност (18+) во САД денеска гледа ТВ во просек околу 5 часа и 10 минути.
Покрај тоа, додека ја гледаат својата омилена ТВ содржина, американците постари од 13 години воглавно во исто време користат уште еден „екран“ (преку две-третини користат таблет, а околу 50% од нив паметни телефони)
Извор: Маркетинг Мрежа