Автор: Предраг Стојковски, извршен директор на агенцијата Нова Солушнс
Уште пред две години, Марк Цукерберг најави промена во функционирањето на Фејсбук алгоритмот – вашиот newsfeed ќе биде исполнет со вести/објави од вашите пријатели, фамилијата и објави од групите. Ако се сеќавате пред три години Фејсбук имаше еден експеримент со неговиот newsfeed, а сите тие акции носеа кон една цел – поттикнување на „значајни/смислени“ интеракции помеѓу луѓето.
Што се „значајни/смислени“ интеракции?
На Фејсбук му е важно, не колку време корисниците ќе се задржат на неговата платформа, туку, како тоа време ќе го потрошат – поточно, колку квалитетно ќе го поминете своето време на Фејсбук.
Ова е многу важна промена, бидејќи сите друштвени мрежи го земаа овој параметар како информација за популарноста на нивната социјална мрежа – колку подолго луѓето го поминуваат своето време на некоја друштвена мрежа тоа подобро. Но, ова со најновата акција на Фејсбук се промени.
Како што напишав, на Фејсбук не му е приоритет колку вие ќе потрошите време на Фејсбук, туку колку квалитетно ќе го поминете ова време. А како Фејсбук ќе го измери/дефинира квалитетот на поминатото време на неговата платформа? Со дефинирање на акциите на корисниците на таа мрежа – поделба на акции кои се „поважни/позначајни“ од другите акции.
Новиот алгоритам ги фаворизира акциите како што се коментирање и споделување на објавите, за разлика од акциите во вид на лајкови. Логиката е акциите, како што се коментирање или споделување на објавите кои бараат поголемо инволвирање на корисниците, да бидат повидливи, за разлика од обичното лајкување, кое може да биде и случајно. На ваков начин Фејсбук сака да ги инспирира своите корисници повеќе да комуницираат помеѓу себе – враќање на основната функција на Фејсбук и неговата примарната цел кога започна со своето функционирање.
Кои се тие „значајни/смислени“ интеракции?
Коментари
За да се привлечат коментарите, објавите треба да се фокусираат на поттикнување на корисниците да постават коментар. А за да се добие коментар, содржината на објавите на брендовите треба да биде релевантна за своите корисници.
Покрај самите коментари на објавите, новиот Фејсбук алгоритам ќе ги фаворизира и репликите на самите коментари. Овие акции даваат сигнал до алгоритамот, дека објавата потиикнува интеракција помеѓу корисниците на Фејсбук и со самото тоа ќе биде повеќе видлива.
Реакции
Спомнав дека реакција во вид на лајкови не е толку значајна, но реакцијата во вид на Хаха, Тажен, Љубов или Лут емоџи имаат поголемо значење во новиот алгоритам за разлика од обичниот лајк. Обичната реакција не е толку битна, додека реакција која предизвикува одредена емоција – тоа е она што се бара.
Споделување на линкови од објавите во Месинџер и Фејсбук групи
Доколку корисникот на фејсбук, ја сподели содржината на некоја страница на својот Фејсбук ѕид – тоа е супер. Но, доколку истиот линк се сподели по пат на Месинџер или во некоја Фејсбук група – уште подобро.
Од сите значајни интеракции кои што ги споделивме, што мислите која е позначајна: Објава која што се споделена на личен Фејсбук ѕид или објава која што се споделена со пријател по пат на месинџер?
Фејсбук тука оди еден чекор понапред – доколку споделивте објава на вашиот ѕид, не е лошо. Но доколку таа иста објава предизвика реакции во вид на коментари уште подобро.
Како што можете да забележите, се враќаме на основнотo правило: Content is king 👑