Спортскиот маркетинг не е област со која можеме којзнае колку да се пофалиме како индустрија, но се чини работите пополека се менуваат на позитивно. Оттаму, навистина одлична вест е кога домашни успешни компании се појавуват во ваква улога и со својот допринос влијаат во континуираниот развој на нашите национални спортови.
РЕХАУ Македонија со конкретен пример, уште еднаш покажа како успешните македонски компании и светски брендови кои егизтираат на нашиот пазар треба да влијаат на својата заедница и со дела, а не само зборови, да бидат вистински партнер во развојот на работите кои им значат многу на целокупната македонска јавност.
Преку соработката со агенцијата за спортски маркетинг КМГ Спорт од Скопје, која изминатиов период се промовираше во предводник на сегментот поврзување на спортисти со компании, РЕХАУ Македонија се одлучи да ја продлабочи својата соработка со машката ракометна репрезентација и во иднина да биде сериозен партнер за сите успеси и радости.
На синоќешниот последен тренинг пред тргнувањето на нашата ракометна репрезентација на ЕП во Хрватска во присуство на целокупната македонска ракометна експедиција, претседателот на РФМ, г-дин Живко Мукаетов го промовираше РЕХАУ Македонија во нов партнер на македонскиот национален тим.
Со овој договор всушност се продолжува и се продлабочува вложувањето во македонскиот ракомет од страна на светски познатиот бренд РЕХАУ.Во рамките на договорот РЕХАУ во следниот период ќе биде партнер на најуспешната македонска селекција на патот кон нови успеси на европското првенство во Хрватска во јануари 2018 и во баражот за пласман на светскиот шампионат во Данска и Норвешка кој ќе се одржи во јануари 2019-та.
„Ниту еден спорт не е така моќен и не ги поврзува луѓето во Македонија како што тоа го прави ракометот. Европското првенство кое за неколку дена ќе стартува во Хрватска со нетрпение го очекува цела Македонија, а РЕХАУ како компанија која долги години успешно функционира во нашата држава се одлучи да ја подржи националната спортска гордост. Можноста да бидеме на грбот на националниот дрес на капитенот Кирил Лазаров и неговите колеги од националниот тим во борба за уште едно успешно претставување на македонскиот спорт во Европа е исто така можност за успешна промоција на вредностите кои ги негува РЕХАУ како мултинационална компанија“ – Сашко Даев, генерален менаџер на РЕХАУ.
Филип Милошевски, генералниот секретар на РФМ се радува на поддршката од еден гигант како РЕХАУ: „Горди сме што една водечка светска компанија како РЕХАУ има искрена страст за ракометот. Посебно ни е драго што ќе бидат наши подржувачи пред еден предизвик како што е Европско првенство кое за неколку дена ќе стартува во Хрватска. Заедно можеме да направиме многу повеќе“.