Според една неодамнешна студија на американскиот бренд за оптички производи Visionworks, само 50% од луѓето прават редовен годишен преглед на очите. Со цел да го зголеми тој процент, брендот објави необична кампања со реклами камуфлирани како филмски трејлери.
Кампањата се состои од два рекламни спотови насловени “Bomb Squad” и “Bed”. Спотовите се создадени во стил на трејлери за филмови на странски јазик, што ги поттикнува гледачите да го насочат своето внимание кон преводот на дното од екранот за да разберат што се зборува.
Врз основа на претходно истражување, фонтот и големината на преводите се специјално направени така за да бидат видливи за луѓе со нормално изострен вид. На тој начин, Visionworks им нуди на гледачите уникатен тест за видот.
Па така, на крајот од филмските „трејлери“ се појавува пораката: „Ако имате проблем да го прочитате ова, тогаш треба да ги проверите вашите очи“. Рекламата потоа ги насочува гледачите кон Visionworks.com, каде што можат да си закажат очен преглед.
Рекламите ќе се емитуваат во преку 800 кина ширум САД, како и на линеарна телевизија, стриминг платформи и социјални мрежи во текот на месецот мај. Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Leo Burnett.