Најмалку 49 новинари загинале низ целиот свет во 2019 година поради нивната работа, објави невладината организација Репортери без граници. Според нив тоа е најмал број за изминатите 17 години. Минатата година беа убиени 87 професионални новинари, граѓани-новинари (аматери) и соработници на медиуми.
Повеќето од нив се убиени како одраз на конфликтите во Сирија, Мексико, Авганистан, Пакистан и Сомалија. Најголем број на новинари се убиени во Сирија (10), Мексико (10), Авганистан (5), Пакистан (4) и Сомалија (3).
Оваа година, истовремено е зголемен бројот на новинари кои поради својата работа се наоѓаат во затвор. Од Репортери без граници наведуваат и дека денес ширум светот во затворите се наоѓаат околу 400 новинари, а речиси половина од нив во само три земји Кина, Египет и Саудиска Арабија. Само во Кина во затвор се 120 новинари.
Повеќе од 40% од нив се аматери новинари кои и покрај зголемената цензура, се обидуваат да шират информации преку социјалните мрежи.