Најпопуларниот ски центар во државата новата скијачка сезона ќе ја стартува ребрендиран како Ресорт Маврово, под чиј бренд се вклучени и Хотел Бистра, Хотел Спорт, Хотел Лоџ и Спортскиот центар Маврово. Во богатата и разновидна понуда на Ресорт Маврово остануваат веќе познатите содржини како Галичко бачило, Старо бачило, Трифкова колиба, Клуб Ратрак и пицеријата Ски-школа, како и пејзажните ски патеки на планината Бистра по кои е препознатлив ски центарот.
„Отвораме уште едно ново поглавје во развојот на ски центарот, го модернизираме и не само со името, туку и во однос на содржините кои ги нудиме. Наша желба е Маврово да биде прв избор за туристичка дестинација, место за прошетка, излет или спортување на сите во државава, независно дали се љубители на зимските спортови или попривлечни им се летните авантури. Тоа се рефлектира и во новото лого на Ресорт Маврово на кое има графички приказ на планина, што ги симболизира зимските спортови и активности, а е во форма на кирилично „М“. Додека графички симбол односно приказ на сонце го симболизира летниот дел од сезоната, еднакво активен како и зимскиот. Идејата позади логото е да ја заокружиме приказната за Маврово како ресорт со богат избор на содржина за сите. Повелете, да го почуствувате новиот пулс на Маврово “, вели Рипсиме Кузевска, Маркетинг менаџерот на Ресорт Маврово.
Од следниот месец Ски центарот Маврово воведува и нов онлајн систем за купување на ски карти, односно за карти со надополнување. Новата скијачка сезона Ресортот ќе ја отвори со веќе препознатливите единаесет ски-лифтови, три жичари со вкупна должина од 5.700 метри, 25 километри скијачка патека и капацитет од 11.100 патници на час. Можност за скијање на висина од 1.255 до 1860 метри надморска височина, а за професионална подготовка на патеките се користат шест ратраци. И годинава Ресортот ќе понуди можност за ноќно скијање во периодот од 19 до 22 часот на озвучените и осветлени патеки.
„Ребрендирањето на центарот може да го гледаме како логичен потег од континуираното подобрување. Ресортот вложува согласно можностите на приватен ски центар во Република Македонија, во тоа што нашите гости го бараат секоја сезона. Наша задача е да го изостриме слухот, тие барање да ги адаптираме најбрзо што можеме и да не се повторуваат од година во година, а таму каде можеме и да изненадиме.
Поголемите инфрастуктурни инвестиции започнаа во 2018 година кога од реномираниот италијанско – австриски производител DemacLenko набавивме и монтиравме современа опрема за заснежување и правење вештачки снег. Таква опрема се користи во светските познати ски центри како што се Шамони, Кицбил, Ст. Мориц, Кронплац. Инвестиравме во 19 шахти, 9 снежни топови, 4 снежни етикови. Системот за вештачки снег на Едносед стазата е во должина од речиси 2 километри и целосно ја покрива стазата. Вкупната инвестиција само во овие активности е 1.000.000 евра“, објанува Огњан Циговски, директорот на групацијата К.А.К.
Инвестицискиот циклус во 2019 година опфати набавка на современа опрема од DemacLenko за заснежување и правење вештачки снег на ски патеката Маврово 2 (патека двосед) во вредност од 600.000 евра. Патеката двосед е проширена и отворена е и новата ски патека „52”. Патеките се обележани со знаци и поставени се снежни огради.
Дополнители инвестиции во 2018 година се 120.000 евра за опрема (ратракот со винч и 15 илјади евра за медицинско возило). Во Хотел Спорт инвестирани се 60.000 евра во надворешен базен и џакузи, што ќе може да се користат во лето и во зима. Додека 70 илјади евра се инвестирани во нов систем за греење со енергетска ефикасност. Проширен е и паркингот пред хотелот и неговиот капацитет е зголемен за 200 паркинг места.
Во близина на бачилото Трифкова колиба поставени се буквите МАВРОВО, на локација каде што можете да го доловите и да го споделите идеалниот зимски пејзаж, а дотаму може да се стигне со пријатна 15-минутна прошетка од горната станица на двосед Маврово 1.
„Во поглед на стратешките планови и „меките“ мерки за унапредување на менаџирањето со Ресортот, инвестиравме во нашето знаење и визија. Во 2018 година го ангажиравме Гир Олсен, надворешен консултант да изработи долгорочна и амбициозна студија за Скијачкиот центар Маврово. Скијалиштето доби нов, поубав и побезбеден облик, а неговата намена е мултифункционална за наредната деценија “, вели Огњан Циговски, директорот на групацијата К.А.К.
За безбедност на скијалиштето и медицинска заштита, центарот вработи и медицински тим, а склучи и договорот со македонското Здружение за заштита и спасување во планина и неристапен терен – Асклепиј – Ски патрола.
За подобрување на текот на информации и унапредување на менаџирање со дестинација каде сме свесни дека сме лидери, Ресорт Маврово го издава и списанието „Наше Маврово“ на македонски, англиски и албански јазик со тираж од 7000 примероци. Ресортот вложи и во обуки на нововработените посветувајќи особено внимание на менаџментот и кадарот вклучен директно во угостителството и односот со гостите, а овде спаѓа обука за вработените на жичара, келнерите и рецепционерите.
За пресвртот што спортскиот центар Маврово го доживеа последниве две години, показател беше и летната сезона. Во Спортскиот центар Маврово спаѓаат спортските летни терени на отворено и спортска сала. Спортскиот центар Маврово оваа година од мај до октомври месец беше домаќин на повеќе спортски школи, тимови и репрезентации за тренинзи и подготовки, тие ги користеа надворешното фудбалско игралиште, малото бетонско кошаркарско, фудбалското и тениското игралиште, како и ново опремената спорстска сала за тимскии спортови и фитнес.