Популарната музичка ѕвезда, актерка и бизнисменка Ријана ја откри нејзината најнова модна колекција при брендот Savage X Fenty – овој пат на женска спортска облека.
Брендот Savage X Fenty најпрво започна како линија за женска долна облека која го привлече вниманието на потрошувачите по својата мошне инклузивна линија на приватна облека за жени со различни типови на тело. Сега брендот влегува на пазарот за спортска облека со сиот свој препознатлив сјај и страсност.
Колекцијата беше објавена преку рекламна кампања во која се појавуваат жени со различни големини и форми на телото, притоа изведувајќи импресивни физички дејствија: од подигнување на тежината на цел автомобил, преку изведување на елегантни балетски пози на брза лента за трчање, до пазарање во маркет на високи потпетици со скршен глужд.
Кампањата всушност нуди увид во тоа како оваа нова колекција го преплетува препознатливиот провокативен стил на Savage X Fenty со функционалноста на спортската облека.
Колекцијата ќе содржи хеланки, комбинезони, спортски градници и бодиња, меѓу останатото. Според видеото, можеме да очекуваме облека во класична црна боја или шарен леопардест принт и речиси сè помеѓу.
Спортската колекција на Savage X Fenty ќе биде достапна за купување онлајн од 9 ноември, во ценовен опсег помеѓу 30 и 110 американски долари.