Аудио брендот Beats by Dre го објави новиот рекламен спот “Iconic Sound” („Иконичен звук“) со цел промоција на новите високо-квалитетни слушалки Beats Studio Pro, кои се продаваат по цена од 350 американски долари преку Apple Store.
Рекламата отпочнува со сцена во која раперот A$AP Rocky спрема нова песна во своето домашно студио. Меѓутоа, во еден момент се слуша гласот на неговата сопруга, пејачката Ријана, која го праќа до продавница да купи пелени (нивниот син има нешто над 1 година).
A$AP Rocky неволно ја прифаќа задачата, ги става своите обувки, ја врзува препознатливата бела маица на глава и го комплетира своето одело со слушалките Beats Studio Pro. Она што следува е вистинска бркотница по градските улици, скокајќи низ препреки и бегајќи им на фановите и папараците, за конечно таткото да ја комплетира „мисијата“ и да се врати во удобноста на своето домашно студио.
Видеото е продуцирано од самиот A$AP Rocky, преку неговото продукциско студио AWGE. Спотот е проследен со нова песна на раперот, насловена “RIOT (Rowdy Pipe’n)”, која треба да се најде на неговиот претстоен албум продуциран од Фарел Вилијамс.