Суперѕвездата Ријана повторно ги здружи силите со брендот за спортска опрема Puma со цел лансирање на нов модел фудбалски обувки: Fenty x Puma Avanti. Ова партнерство го означува враќањето на Ријана како креативен директор на брендот, со повеќегодишен договор кој ветува неколку возбудливи производи.
Фановите на оригиналните патики Avanti ќе сфатат дека редизајнот Fenty x Puma не изгледа баш како иконичките обувки создадени во 2001 година. Имено, обновениот дизајн ја спојува квалитетната кожна изработка на фудбалската копачка King со класичниот надворешен ѓон на обувките за трчање Easy Rider.
Ријана и Puma си поставиле за цел овој модел да биде достапен за сите, па така новите Avanti ќе бидат лансирани како унисекс обувки и за возрасни и за деца.
Avanti претставува еден од најпопуларните модели на Puma и има богата историја која оди наназад до оригиналните фудбалски копачки King лансирани во 1968 година – носени од легенди како Еузебио, Пеле и Марадона. Обувките потоа еволуирале во Easy Rider во 1978 година, а својата прва модна инкарнација ја забележале со Џил Сандер во 1998 година.
Новата верзија создадена во соработка со Ријана започнува со продажба од утре, а ќе биде достапна во две обоени варијанти – црно-бела и хромирана. Обувките ќе се продаваат по цена од 80 до 170 американски долари, во зависност од големината.