Сервисот за транспорт Uber лансираше нова кампања за британскиот пазар, чија цел е промоција на програмата за лојалност Uber One. Главните улоги во кампањата, насловена “Best Friends” („Најдобри пријатели“), ги толкуваат холивудската икона Роберт де Ниро и младата актерска ѕвезда во подем Аса Батерфилд.
Централниот спот на кампањата започнува на филмски сет каде Батерфилд нервозно се обидува да започне разговор со Роберт де Ниро. Но, набрзо тие откриваат дека едноставните работи ги поврзуваат. Потоа следува колаж од снимки во кои двете филмски ѕвезди патуваат низ Лондон, посетуваат разни локации и уживаат во разни јадења.
„Нашата нова кампања има за цел да им даде до знаење на луѓето дека Uber One е членство за луѓе кои сакаат да јадат храна и да одат на места, што значи дека е речиси за сите“ – истакнува Маја Галего Спирс, директорка за маркетинг на Uber и Uber Eats во Обединетото Кралство и Ирска.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција Mother London, а покрај видеоспотот кој ќе се емитува на телевизија, стриминг сервиси и во кино, таа исто така ќе вклучува дигитални и надворешни реклами.