Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата продолжува со реализација на најавените кампањи. Новогодишните празници се период од годината на убаво расположение, забави, но и алкохол и брзо возење. За таа цел во наредниот период ќе се реализира кампањата “Животот е подеднакво кршлив” во која главниот акцент ќе биде ставен на младите и неискусни учесници во сообраќајот како посебна ранлива група во овој период од годината.
“Целта на кампањата е да им покажеме на младите луѓе дека брзото возење, употребата на мобилен телефон и конзумирањето алкохол при управаување со моторното се една од главните причини за сообраќајни несреќи и истите тие во комбинација со неискусен возач може да бидат предизвикувачи на сообраќајна несреќи со фатални последици “ – велат од РСБСП.
Кампањата првенство ќе има едукативен карактер, преку специјално дизајнирани едукативни материјали кои ќе бидат поделени на оваа популација. Тие содржат пораки и совети кои што младите треба да ги почитуваат за да бидат безбедни на патиштата. Понатаму, младите преку промотивни и едукативни активности ќе се едуцираат на оваа тема. Во рамки на кампањата РСБСП ќе продолжи со совети и предавања за младите, а во Скопје и низ Македонија ќе има штандови со материјали и едукација.
Во кампањата како партнери се вклучуваат ноќниот клуб Станица 26 и Барбакан каде што преку тематски ноќни забави ќе се едуцираат најмладите на оваа тема.
Инаку, статистиката покажува дека во светски рамки сообраќајни несреќи се причина број еден за смртност помеѓу младите на возраст од 15-19 години и втора причина за смртност на младите помеѓу 20-24 години. Во Македонија во првите 9 месеци се случиле повеќе од 1000 сообраќајни несреќи во кои причината била брзото возење или пак возење под дејство на алкохол.