Американскиот бренд на џин Aviation American Gin во сопственост на популарниот холивудски актер Рајан Рејнолдс отвори нова дестилерија во градот Портланд.
Со цел промоција на новата фабрика, брендот на чело со Рејнолдс реши да направи „позитивна“ кампања за тоа како би изгледала една турнеја низ новата дестилерија. Но, за разлика од другите фабрики каде посетителите го следат процесот пасивно, зад стакло, Рејнолдс се надева дека тука посетителите ќе преземат една „поактивна“ улога.
Имено, во хумористичниот спот гледаме како Рејнолдс врбува луѓе од туристичката група и им дава разни работни задолженија низ дестилеријата – да чистат, да пакуваат, да разнесуваат пакети и слично. „Кога ќе завршите, Вие ќе имате повеќе искуство од нашите вработени“ – истакнува Рејнолдс.
Но, независно од „експлоатативната“ природа на промотивниот спот, реалноста е дека новата дестилерија на посетителите им овозможува слободно да се шетаат низ објектот и да дегустираат коктели. Фабриката има 33.000 квадратни метри и располага со соба за дегустација, коктел бар, продавница за подароци и целосен пристап до канцеларијата на Рејнолдс, која е смислена како „соба за бегство“ каде што гостите ќе можат да решаваат различни загатки.