САД одлучија да ја зголемат контролата на фалсификуваната стока, особено онаа која се продава од Амазон и другите платформи за онлајн трговија од странство
Министерството за државна безбедност на САД објави извештај од 54 страници во кој се содржани препораки и активности што американската влада ќе ги преземе за да спречи увоз на фалсификувани производи или производи создадени врз основа на повреда на интелектуална сопственост и кршење на права кои произлегуваат од патенти. Таквите производи во САД доаѓаат претежно од Кина.
Како дел од делумниот трговски договор постигнат од страна на САД и Кина во јануари годинава, Кина вети дека ќе го спречи кршењето на авторските права и фалсификувањето на веб-страниците за е-трговија, казнувајќи ги локалните трговци кои продаваат фалсификувани производи. САД ќе ги контролираат платформите за е-трговија, како што се Amazon, eBay и Walmart.com, и ќе ги сметаат за одговорни за фалсификувани производи или производи кои ги кршат авторските права и интелектуалната сопственост.
На институциите во САД за спроведување на законот ќе им биде дозволено да вршат увид во складиштата и физичките продажни центри на американските интернет пазари поради фалсификувани стоки.
„Од клучно значење за интегритетот на е-трговијата и за заштитата на потрошувачите и носителите на правата е платформите за електронска трговија кои работат на пазари на трети страни и други трети посредници, да презема поголема одговорност за нивните улоги во трговијата со фалсификувани и пиратски производи“, се наведува во извештајот на Министерството за државна безбедност на САД.
Извештајот содржи и анализа на растот на е-трговијата во САД во последните години и влијанието на продажбата на фалсификуваните производи врз тој раст.
„Иако фалсификувани и пиратски производи со години се продаваат на аглите на улиците, уличките и багажите на автомобилите, овие нелегални производи сега им се продаваат на потрошувачите во нивните домови преку растечките платформи за е-трговија и мрежни пазари на трети страни, со што се пласираат фалсификати на легалниот пазар“, се вели во извештајот.