Американскиот претседател Џо Бајден ќе ја задолжи Федералната комисија за трговија да изготви закон кој ќе ги спречува производителите да ја ограничуваат можноста на потрошувачите да ги поправаат производите на своја рака или кај трети страни.
Иако деталите сé уште не се познати, новиот закон за „право на поправка“ ќе се однесува и на производителите на паметни телефони, како и на партнерите на Министерството за одбрана.
Досега, технолошките гиганти како Apple и Microsoft многу често знаеја да ја ограничат можноста на потрошувачите да ги поправаат нивните уреди на своја рака, допуштајќи им тие поправки да бидат направени само во официјални сервис-продавници на брендовите, со што трошоците за поправка значително се зголемуваат на штета на потрошувачите.
Советникот за економија на Белата Куќа, Брајан Дис, истакна дека новиот закон ќе придонесе за „поголема конкуранција во економијата, во насока на помали трошоци за американските семејства и поголеми плати за американските работници.“
Од друга страна пак, технолошките компании јасно го истакнаа своето негодување во однос на најавените промени, предупредувајќи дека интервенциите од трети страни може да доведат до лошо поправени уреди и алатки, што на крај може да биде опасно за здравјето и безбедноста на потрошувачите.
Соосновачот на Apple, Стив Вознијак, пак, ги поддржа луѓето кои се залагаат за „правото на поправка“, посочувајќи дека „ние никогаш немаше да го имаме Apple доколку јас не пораснев во свет на отворена технологија и отворена електроника“.