Светските обединети колеџи (или United World Colleges – UWC) се ланец на 18 средни училишта низ целиот свет, вклучувајќи во Германија, Канада, Норвешка, Кина, Индија, Сингапур и Танзанија (целосната листа на училишта можете да ја најдете тука).
UWC нуди двегодишно образование за ученици од целиот свет, кои живеат, учат и раснат заедно на еден од 18-те кампуси низ светот. Типичната генерација на еден од колеџите се состои од 100 ученици од 70+ различни држави.
На секој од 18-те колеџи се учи двегодишната Меѓународна матура (на англиски, International Baccalaureate). Оваа диплома е меѓународно признаена и е достапна и во македонски средни училишта (како СУГС Јосип Броз Тито). Наставната програма се состои од шест групи на предмети од кои учениците бираат по еден: мајчин јазик, втор јазик, општествена наука, природна наука, математика и уметност.
За образование на UWC се достапни целосни стипендии, базирани на потребите на семејствата на успешни кандидати. Минатата година беа испратени 11 ученици од целата држава, а годината пред неа 10. Тука можете да најдете профили на сегашните ученици, а тука листа на матуранти од последните 20+ години.
Како се аплицира?
Можност да аплицираат за UWC имаат сите ученици во втора или трета година средно образование. Апликацијата се состои од 7 кратки прашања и 2 есеи. Можете да ја најдете на овој линк. Рокот за аплицирање е 03 ноември 2024 година (недела).
По оценување на апликацијата, успешните кандидати се поканети на дополнителни интервјуа во живо (во текот на првата недела на јануари) и онлајн (на почетокот на февруари).
Информативни сесии за повеќе детали
Доколку сакате да дознаете повеќе за оваа уникатна можност, Македонски национален комитет при UWC одржува онлајн информативни сесии секоја недела до рокот за аплицирање.
Тука можете да го најдете распоредот на инфо сесии годинава; сите од нив ќе бидат одржани на овој Зум линк (лозинка: 2022). Сите заинтересирани средношколци, професори и родители се добредојдени да учествуваат во инфо сесиите.
Заинтересираните кандидати може да најдат совети за аплицирање на следната веб страна.