Во склоп на EAVE Producers Workshop 2015 вчерашниот и денешниот ден беше посветен на темите: „Продуцентите и публиката‘‘ и „Класичен наспроти Алтернативен начин на дистрибуција‘‘ предводени од Сара Калдерон.
На вчерашната пленарната сесија Сара Калдерон пред присутните ги презентираше алатките за стратешко планирање и успешна маркетинг стратегија за филмските проекти. Говореше и кои се клучните механизми за промоција на филмот како и начинот на нивно користење се со цел привлекување на публика. Преку презентација на едноставната структура за градење на маркетинг стратегија која се базира врз четири клучни аспекти: Продукт, Промоција, Локација и Цена, продуцентите дознаа како да развијат маркетиншки план за своите проекти преку избирање на таргет група.
Во текот на денешниот ден таа се осврна на видовите на дистрибуција, односно класичниот наспроти алтернативниот модел. Во однос на класичната дистрибуција даде краток осврт на трите елементи на кои се заснова овој вид на дистрибуција, а тоа се ексклузивното право, територијалното право и времетрањето на правата за дисрибуција, го посочи начинот на „мапирање‘‘ на дистрибутерите и селс агентите во зависност од содржината на филмот и компанија која продуцентот ја бара како свој селс агент или дисрибутер, основните елементи на меѓународните и домашните договорни услови за дистрибуција и продажба на филмовите како и позитивните и негативните страни на класичната дистрибуција. Во делот на алтернативниот модел говореше за on-line платформите, појавта и значењето на новите платформи на дистрибуција надвор од класичната дистрибуција како што се глобалните, националните меинстрим, национални арт и герила платформи. Говореше и за почетокот на примената и придобивките од VOD платформите, како и за значењето на новите технологии кои не дозволуваат алтернативната дистрибуција да се заснова само на една платформа.
Сара Калдерон има долгогодишно искуство од областа на маркетингот (има дипломирано маркетинг на Универзитетот во Богота и магистрирано мултикултурна комуникација на Сорбона). Повеќе од десет години работи во аудиовизуелниот сектор како менаџер и промотер на фестивалот Toma5inco – Богота, раководител e на меѓународна продажба – Coproduction Office – Париз и координатор на дистрибуција на Karma Films – Мадрид. Работи како маркетинг тутор и консултант за EAVE, Media Programme и неколку Media Desks. Основач е на новоформираната маркетинг компанија специјализирана за филмската индустрија -The Film Agency.