Сараевскиот филмски фестивал ги поканува талентираните филмаџии и критичари од Југоисточна Европа и Јужен Кавказ да се пријават за седумнаесеттото издание на Talents Sarajevo, кое ќе се одржи под насловот “Stuck in the Middle: Filmmaking between NO and YES”.
Talents Sarajevo ќе се одржи од 12 до 18 август 2023 година, во рамки на 29-то издание на Sarajevo Film Festival. За учество на настанот можат да се пријават перспективни режисери, продуценти, актери, сценаристи, директори на фотографија, монтажери и филмски критичари од Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Грција, Грузија, Хрватска, Кипар, Косово, Унгарија, Малта, Молдавија, Романија, Македонија, Словенија, Србија, Турција и Украина.
Овогодинешното издание на Talents Sarajevo има намера да истражи како различни видови „НЕ“ доминираат во филмската индустрија, но и да предупреди за ефектите од спротивниот одговор, кој често останува во нивна сенка. Создавањето филмови е креативен процес кој вклучува многу луѓе и создава испреплетени мрежи на моќ и бара соработка.
Во овие услови, „НЕ“ и „ДА“ може да изгледаат како некомпатибилни позиции, а филмаџиите може да се чувствуваат заглавени меѓу нив. Наместо уште еднаш да го повтори тој парализирачки став, Talents Sarajevo предлага да видиме две страни од истиот процес во овие два одговори: прифаќањето или одобрувањето нешто значи ефективно да се каже „НЕ“ на нешто друго, и обратно.
Затоа, Talents Sarajevo ги поканува филмаџиите да ги споделат своите приказни за тоа како кажале и „НЕ“ и „ДА“ во нивните сложени односи и да слушнат од нивните поискусни колеги како се справуваат со истиот проблем.
Започнат во соработка со Меѓународниот филмски фестивал во Берлин и програмата Berlinale Talents, програмата Talents Sarajevo прерасна во регионално место за средба и обука на перспективни филмски работници. И со своето седумнаесетто издание, Talents Sarajevo продолжува да нуди богат избор на предавања, модерирани стручни разговори и интерактивни панел дискусии, како и проектни лаборатории, студиски програми и работилници.
Крајниот рок за пријавување на Talents Sarajevo е 3 мај 2023 година, а повеќе информации за настанот и начинот на пријавување можат да се најдат на следниот линк.