Како признание за неговиот исклучителен придонес во филмската уметност, на режисерот и писател Марк Казинс ќе му биде доделено „Почесното срце на Сараево“ на овогодинешниот 29. Сараевски филмски фестивал.
Ова нема да биде негова прва средба со градот – неговото прво доаѓање во Сараево било за време на опсадата на градот, потсетуваат организаторите на Фестивалот. Заедно со претставници на Меѓународниот филмски фестивал во Единбург, тој го посети киното „Обала Арт Центар“, каде што во знак на поддршка на граѓаните на Сараево и опколениот град беа прикажувани филмови. Тоа кино беше лулка на Сараевскиот филмски фестивал.
„Донесувањето филмови од Меѓународниот филмски фестивал од Единбург во Сараево за време на неговата опсада ми покажа зошто филмовите се важни. Повеќето од она што го направив оттогаш беше под влијание на тие страшни, инспиративни недели во 1994 година. Враќањето во Сараево, за прв пат по 29 години, ќе разбуди во мене поплава од емоции. Почесното срце на Сараево ќе има посебно место во мојот дом и ќе ме потсети на потребата да ризикувам и да дејствувам солидарно. Сè уште можам да учам од младиот човек што некогаш бев, а уште повеќе од пионерите во Сараево кои сфатија дека филмовите не се само забава, туку клучен дел од нашите животи. Многу сум благодарен“ – изјави Марк Казинс.
Марк Казинс е шкотско-ирски режисер. Неговите теми се инспиративната моќ на киното, градовите, прошетките, детството, архивите и обновувањето.
Покрај плодната кариера како автор и режисер, Марк Казинс има почесни докторати од универзитетите во Единбург и Стирлинг, тој е е почесен професор по филм на Универзитетот Квин во Белфаст и има постигнато забележителен успех во програмирањето и курирањето филмови. Тој беше претседател на Филмскиот фестивал во Белфаст и Docs Ireland.
Казинс неодамна ја доби португалската меѓународна награда Aurelio de Paz dos Reis за исклучителен придонес во кинематографијата и наградата за извонредни достигнувања на Британската асоцијација за филм, телевизија и филмски студии за неговата работа во образованието на екранот (2020). Во 2023 година ја доби наградата Persistence of Vision од Филмскиот фестивал во Сан Франциско, годишната награда Maverick на Меѓународниот филмски фестивал во Даблин и наградата за исклучителен придонес во филмот и културата од Филмскиот фестивал Исмаилија во Египет.
Во контекст на врачувањето на наградата Почесно срце на Сараево на Марк Казинс, ќе се одржи специјална проекција на неговиот филм “March on Rome” како дел од програмата „Соочување со минатото“ на Сараевскиот филмски фестивал.
Сараевскиот филмски фестивал ќе се одржи од 11 до 18 август 2023 година.