Пред два дена ја објавивме заедничката препорака од сите здруженија на маркетинг агенции во регионот кои во еден глас повикаа огласувачите да ги прифатат европските и светските практики за организирање на тендери и да повикуваат најмногу 4 маркетинг агенции на питчовите кои ќе се организираат во иднина (ЛИНК до препораката).
Зошто оваа препорака е корисна и поддржана и од Македонската асоцијација на агенции за маркетинг (МААМ) го прашавме и Претседателот, г-дин Сашо Пешев.
“Иницијативата за регионална координација околу воспоставувањето правила за питчеви ја подржавме на заедничкиот состанок одржан неодамна во Белград. И како МААМ на еден од нашите состаноци, дискутиравме за правилото 3+1, односно на питч да бидат поканети само 4 агенции, постоечката и 3 нови. Да бидам попрецизен, правилото се однесува на фазата кога започнува интензивната агенциска работа, односно кога од агенциите се бара стратегија, креатива или комплетна кампања. Тоа е многу работа, се губат огромен број работни часови, агенциите се истоштуваат и не можат да се посветат на своите редовни клиенти“ – вели Пешев и надополнува :
“Како еден негативен пример би го спомнал питчот за еден познат автомобилски бренд, кој правеше локален питч за креатива. На тендерот беа поканети 9 агенции, практично сите најголеми агенции на пазарот. Процесот беше крајно нетранспарентен и со нејасни критериуми. Да не зборувам дека буџетот беше многу мал дури и за македонски услови. Можете да го замислите обемот на работа и колкав број на работни саати изгубивме сите. Тука веќе не е само во прашање и буџетот и профитот. Кога учествувате на питч се натпреварувате со конкуренција, се претставувате себе, и претпоставувам дека сите агенции на тие питчеви даваат максимум зошто се работи за Вашата репутација. На крај на тој истоштувачки процес, кога како МААМ реагиравме до клиентот околу тоа како е воден питчот, немаше никаков ефект. Напротив, тие го персонализираа проблемот и имаше реперкусии за испраќачите на дописот.
Имено, поради вакви случаеви, дојде до идејата да го популаризираме принципот 3+1. Ова мислам дека ќе биде во функција на клиентот. И нивниот менаџмент не сум сигурен дека сака да слуша 9 презентации. Препораката е откако клиентот ќе ги разгледа агенциските референци и на база на впечатокот од агенциската презентација, клиентите да изберат 3 нови агенции покрај нивната постоечка, кои ќе ги поканат на питч“
На оваа тема претседателите на асоцијациите од регионот ќе оддржат и панел дискусија на годинешното издание на фестивалот Golden Drum кој наредната недела стартува во Љубљана.