Синдикатот на холивудските сценаристи постигна прелиминарен договор со големите студија со кој се очекува да се стави крај на еден од двата штрајкови кои го запреа најголемиот дел од филмската и телевизиската продукција.
Тригодишниот договор сега треба да биде одобрен од раководството на Здружението на сценаристите на Америка (Writers Guild of America – WGA), како и од членовите на синдикатот пред да стапи на сила. Договорот беше опишан од WGA, кој застапува 11.500 филмски и телевизиски сценаристи, како „извонреден“ и со „значајни придобивки и заштита за сценаристите“.
„Ова беше овозможено благодарение на трајната солидарност на членовите на WGA и извонредната поддршка на нашите колеги членови на синдикатот кои ни се придружија на протестните маршеви повеќе од 146 дена“ – се вели во соопштението на преговарачкиот комитет на WGA.
Предложениот договор е сè уште прелиминарен, при што преговарачкиот комитет на WGA рече дека ќе сподели детали дури откако ќе го добие конечниот текст. Преговарачите потоа ќе гласаат дали да го препорачаат договорот на раководството, кое мора да одлучи дали ќе го достави до членовите на гласање.
Сценаристите стапија на штрајк на 2 мај откако не постигнаа договор со големите филмски студија за платите, минималните нивоа на персонал, употребата на вештачка интелигенција и хонорарите на сценаристите кои работаат за популарните стриминг сервиси, меѓу останатите прашања.
Во меѓувреме продолжува штрајкот на синдикатот на актерите SAG-AFTRA, кој застапува околу 160.000 филмски и телевизиски актери, каскадери, гласовни актери и други медиумски професионалци. Нивниот протест е исто така поврзан со хонорарите од стриминг платформите, како и со употребата на вештачка интелигенција од страна на студијата.