Викендов во Скопје се одржа интернационалната ИТ конференцијата DevCon Skopje 2023 на која присуствуваа повеќе од 250 професионалци од различни области во развојот на веб и мобилните технологии.
“Среќни сме што интересот за DevCon секоја година се зголемува. Имавме одлични предавачи и теми, огромен број на слушатели и многу дружење. Ова издание беше дополнување на низата од успешни настани од ваков тип преку кои професионалците од ИТ сферата ги надоградуваат своите вештини и знаења” – рече Петар Баковски, извршен директор во Melon, кои заедно со компанијата Frakton (двете дел од групацијата Kin + Carta) и Tarmac беа организатори на настанот.
Поддржувачи на настанот беа и Women in Tech Macedonia, Marketing 365 и Konekt.mk
Покрај домашните предавачи – присутни беа и предавачи од Бугарија, Косово и Обединетото Кралство кои со присутните споделија свои презентации, истражувања но и демо верзии од различни технологии и проекти.
Дел од темите на кои се посвети внимание на DevCon Skopje 2023 опфатија дискусии на теми како AWS Serverless Architecture, паралелно програмирање во Node.js, Quality Assurance, актуелниот ChatGPT, Developer Experience, дискусии од областа на DevOps како и користење на вештачката интелигенција во создавањето на веб апликации.
За тие кои не беа во можност да присуствуваат на настанот, снимените презентации ќе можат да ги погледнат наскоро на официјалната веб страница devcon.dev.
Во продолжение погледнете дел од атмосферата од овогодинешното издание на DevCon во Скопје.