43 000
Не 43 000, нешто повеќе од 43 000….
…е бројката на пријавени проекти за овогодинешното издание на најпрестижниот светски креативен фестивал Cannes Lions.
Тие повеќе од 43 000 проекти беа оценети од 387 членови на жири комисии составени од најеминентните светски имиња на индустријата кои ги избраа најдобрите проекти во 24 натпреварувачки категории и повеќе поткатегории.
Не еднаш, не двапати….туку 9 пати тие жири комисии решија да ја наградат кампањата Sea Hero Quest со злато, сребро или бронза. Кампањата која потекна од Македонија, од Скопје, од креативците на Saatchi&Saatchi, дел од Публицис Македонија.
И после третата наградна церемонија која се оддржа синоќа во Кан, Sea Hero Quest е хит, повторно освојувајќи награди, овојпат 1 сребро и 3 бронзи кои го надополнија богатото конто и бројот на освоени награди го зголемија на вкупно 9.
Еве во кои категории и поткатегории Sea Hero Quest освои медал на Cannes Lions 2016 :
Злато
- Promo & Activation Lions, поткатегорија C02 (Use of Mobile )
Сребро
- Cyber Lion , поткатегорија F06 (Innovative Use of Social or Community)
- Direct Lions, поткатегорија D01 (Use of Data)
- Promo & Activation Lions, поткатегорија A10 (Commercial Public Services)
- Health and Wellness Lions, поткатегорија B05 (Other)
- Pharma Lions, поткатегорија (HCP Devices & Diagnostics)
Бронза
- Mobile Lions, поткатегорија E01 (App Games)
- Mobile Lions, поткатегорија F05 (Social Gaming & Competitions)
- Innovation in Branded Games
За крај еден дел од изјавата на Креативниот директор на Saatchi&Saatchi Скопје, Василије Ќорлука, за Маркетинг365, која целосно ја објавивме во вторникот, но која заслужува постојано и постојано да се повторува:
“Ние во адвертајзингот не секогаш ја користиме можноста што ја имаме, а тоа е да направиме нешто што навистина ќе го смени светот на подобро. Се надевам дека ова ќе биде најдобра препорака за нас и за нашите клиенти, што повеќе да работиме на проекти и кампањи кои ќе направат реална разлика во животот на луѓето. За нас е важно што се уверивме дека еден мал но квалитетен креативен тим во Скопје, кој го сочинуваат неколку паметни и исклучително вредни момци и девојки, може да понуди квалитетни идеи кои без проблем се “носат” со најдоброто во светот во нашата фела !“