Во својата Божиќна кампања за шведскиот пазар, чешкиот производител на автомобили Škoda се одлучи да им го промени мислењето на корисниците на нивните конкуренти со вистински детски хор кој им пее пред домашната врата.
Во соработка со детскиот хор “Adolf Fredrik’s Music Classes” и диригентот Тони Маргета, Škoda ја искористи наклонетоста на Швеѓаните за Божиќните песни со тоа што ги изненади клиентите на конкурентските брендови со добро познати празнични песни, но реинтерпретирани на начин што ги промовира предностите на новиот електричен модел Enyaq.
Хорот посети десетина домови во предградијата на Стокхолм, секој со автомобил на конкурентски бренд паркиран во дворот. Домаќините имаа можност да слушнат песни како “We Wish You a Merry Enyaq”, “Silent Ride” и “A thousand Enyaqs are now being charged”, укажувајќи им преку песна зошто новиот електричен автомобил на Škoda е подобар од нивниот актуелен избор на превозно средство.
„Со дарежлива доза на хумор, ние во Škoda сакаме да го насочиме вниманието на луѓето кон нашиот ново ажуриран, целосно електричен Enyaq. Здружувајќи се со неверојатниот хор на Adolf Fredrik’s Music Classes и внесувајќи се во Божиќниот дух, си поставивме за цел да шириме смеа и радост“ – вели Стефан Нигрен, маркетинг директор во Škoda Sverige.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција Nord DDB.