Shutterstock неодамна воведе нова функција овозможена од вештачката интелигенција, позната како Creative AI, нудејќи им на корисниците можност да уредуваат слики директно во нивната библиотека на илустрации. Оваа нова алатка им овозможува на корисниците да менуваат елементи како боја, позадина и димензии.
Креативната вештачка интелигенција на Shutterstock нуди шест различни опции, вклучувајќи ја алатката Magic Brush за прецизни промени и алатката Smart Resize за менување на димензиите. Дополнително, платформата за сток-слики им обозможува на корисниците да генерираат и целосно нови слики во партнерство со програмата DALL-E на OpenAI.
Други функции вклучуваат можност за проширување на елементите, нивно сечење, како и целосно менување на позадината на сликите.
Shutterstock ги нуди алатките за уредување со вештачка интелигенција на сите корисници, без услов за претходна претплата. Сепак, најавувањето е неопходно за пристап до Creative AI. Доколку корисниците имаат намера да ги комерцијализираат нивните уредени слики, се применуваат такси за лиценцирање.
Важно е да се напомене дека не сите слики во библиотеката на Shutterstock се достапни за уредување; едиторијалните и премиум содржини остануваат изземени од програмата.
Содржината добиена од генераторот на слики со вештачка интелигенција на Shutterstock може да се користи за сите видови проекти „без грижи“, објаснуваат од компанијата, бидејќи моделот е обучен врз основа на содржини од нивната сопствена библиотека.
Дополнително, Shutterstock ги уверува дигиталните уметници дека ќе добијат правична компензација доколку нивните слики се лиценцирани по уредувањето.
За да го поттикне поодговорниот и етички пристап во користењето на вештачката интелигенција, Shutterstock е дел од Иницијативата за автентичност на содржините (Content Authenticity Initiative) за да се бори против ширењето на дезинформации на интернетот.