Денес, во Музејот на Македонија, Швајцарија го промовираше проектот „Култура за развој“, кој го спроведува Хеартефакт Фонд и кој има за цел да даде поддршка за независен, разновиден и инклузивен културен сектор. Проектот ќе ја зајакне улогата на секторот во унапредувањето на демократските вредности, зајакнувањето на недоволно застапените гласови, поттикнувањето дијалог и социјална кохезија и придонесот кон демократски и социо-економски развој.
Со вкупен буџет од над 1.9 милиони швајцарски франци, проектот се фокусира на три главни цели: да ги зајакне културните и уметничките организации да бидат добро обезбедени со ресурси и капацитети и финансиски одржливи, да создаде поповолни услови за независната културна сцена, да ги поттикне граѓаните, вклучително и ранливите групи, да ја користат културната сцена за подигнување на свеста за општествено релевантни теми.
На настанот, Н.Е. амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Вероник Хулман, ја потврди долгорочната посветеност на Швајцарија за инклузивен и одржлив развој преку културна ангажираност. Таа истакна дека културата не е само израз на идентитет и креативност, туку и моќна алатка за дијалог, демократско учество и општествена трансформација. Амбасадорката потенцираше дека Швајцарија со години го поддржува културниот сектор, а со овој нов проект поддршката станува уште посеопфатна.
Во рамките на промотивниот настан се одржа и панел-дискусија која се осврна на надминување на јазот меѓу потребите на независната културна сцена и досегашниот напредок. Говорниците ја нагласија важноста од соработка во секторот, поддршка за разновидни уметнички практики и улогата на културата во унапредување на социјалната кохезија и благосостојба. Г. Андреј Носов од Хеартефакт Фонд зборуваше за градење поадаптивна и отпорна културна сцена преку јакнење на внатрешните капацитети. Г. Артaн Садику ја истакна релевантноста на проектот, неговиот потенцијален долгорочен ефект и зошто е значаен за независните актери во актуелниот културен контекст. Г-ѓа Ивана Мирчевска го нагласи значењето на поддршката за нестандардни уметнички практики и потенцијалот на проектот за културен развој и промовирање социјална кохезија преку колективни креативни процеси.
На настанот беше претставена и програмата за грантови на проектот, преку која беше најавено дека во рамки на проектот „Култура за развој“ ќе бидат поддржани над 60 проекти во периодот од четири години, (од 2025 до 2028 год.) преку четири видови грантови: Уметнички грантови, Институционални грантови, Грантови за размена на знаење преку работа (Job Shadowing), и Грантови за застапување, со вкупен фонд од 1.140.000 швајцарски франци.
На настанот присуствуваа учесници од различни сектори и области, меѓу кои претставници на културни и уметнички организации, индивидуални уметници, граѓански организации фокусирани на општествен развој, како и медиуми од Скопје и од целата држава.
Во моментов е отворен повикот за Уметнички грантови, а крајниот рок за аплицирање е 6 јуни 2025 година. Заинтересираните организации можат да добијат повеќе информации за грантовите и претстојните јавни повици преку учество на Информативните денови, кои започнуваат во понеделник, 19 мај, во Скопје продолжуваат низ целата држава, или преку веб-страницата на проектот (на македонски јазик и на албански јазик).
Проектот „Култура за развој“ претставува значаен чекор кон изградба на посилно и пообединето општество, нудејќи бројни можности за културните заедници, организации и индивидуалци низ Северна Македонија.