Одделот за глобални маркетиншки комуникации на Škoda ја назначи креативната агенција FCB, дел од Interpublic Group, за нивен нов глобален креативен партнер.
Изборот на FCB доаѓа по ревизијата на креативниот договор на чешкиот автопроизводител, за кој што се натпреварувале уште три неименувани агенции. Ревизијата започна уште минатата година, а беше спроведена од консултанската компанија The Observatory International.
Соработката помеѓу Škoda и FCB ќе стартува веќе од овој април, а ќе биде координирана преку лондонската канцеларија на креативната агенција, надгледувајќи ги креативните активности на брендот на 20 светски пазари.
Автопроизводителот Škoda, дел од групацијата на Volkswagen, планира засилено да инвестира во својот бренд за да започне да се натпреварува на пазарот на висококвалитетни и луксузни возила, а ревизијата на креативниот договор следи по развојот на нивната нова бренд платформа.
Од компанијата посочуваат дека новото глобално партнерство со FCB нема да влијае врз односот на брендот со својата постојна медиска агенција или односите со различните агенции во поединечни региони и пазари.
По назначувањето на FCB, глобалната маркетинг директорка на Škoda Auto, Мередит Кели, изјави: „Во FCB препознавме не само првокласна агенција за поддршка, туку и вистински долгорочен деловен партнер, а тие ги надминаа нашите очекувања во секоја фаза од овој процес. Со нетрпение очекуваме да започнеме со работа“.
Глобалниот генерален извршен директор на FCB, Тајлер Турнбaл, додава: „Можноста за партнерство со Škoda е остварување на сонот за сите во FCB. Од првиот момент што го поминавме заедно, почувствувавме неверојатна поврзаност меѓу нашите компании со оглед на нашите предизвикувачки духови, страсни луѓе и заедничката верба во економската моќ на креативноста. Заедно, уверен сум дека можеме да помогнеме во развојот на глобалниот бизнис на Škoda како никогаш порано.“