Музејот на Ван Гог во Амстердам, кој е посветен на делата на познатиот холандски сликар, се здружува со британскиот бренд за парфеми Floral Street со цел да лансираат заедничка колекција на парфеми инспирирани од ремек-делата на уметникот.
Целта на соработката е да „понуди свеж и поразличен начин за искусување на уметноста на Ван Гог“, истакнува генералната директорка на музејот, Емили Горденкер.
Иако кураторите на музејот нема директно да бидат вклучени во проектот, тие ќе соработуваат со креторите на парфемите со цел прецизно да им ги пренесат деталите од животот на уметникот. „Од најголема важност во овој проект е да се зачува и почитува репутацијата на Ван Гог, неговата уметност и музејот,“ посочува Маријн Верарт, менаџер за лиценцирање на музејот.
Иако е тешко да се замисли како некој може да претвори визуелна уметност во мириси, не изненадува фактот што музејот прави уште една соработка. Претходно, тој има реализирано партнерства со брендови како Vans, Samsonite, па и Monopoly.
Интересно е да се посочи дека ова не е прва колекција на парфеми инспирирани од Ван Гог. Една таква била создадена во доцните 90-ти години на минатиот век, но не добила некоја поголема популарност. Во секој случај, оваа нова колекција може да стане вистински хит помеѓу посетителите на музејот и нивното поминување низ продавницата за сувенири.
Се очекува дека првите парфеми ќе се појават на продажба во текот на месец август.