Откако неодамна прокламираше дека „Револуцијата е француска работа“, производителот на автомобили Renault сега објави уште една реклама во истиот дух, насловена „Слобода на прв поглед“ („Liberté at first sight“). Рекламата ја промовира новата целосно електрична верзија на легендарниот модел Renault 4.
Како бестселер од 60-те до 80-те години на минатиот век, овој модел беше симбол на својата ера – продаден во над 8 милиони единици и извезен во над 100 земји ширум светот. Во исто време рели автомобил, возило на француската пошта, пожарникарите и Air France, неговата улога во општеството еволуираше: помеѓу протестите од 1968, фестивалот Woodstock, еманципација на жените, сексуална слобода и новите уметнички инспирации… моделот 4 беше сведок на многу нови слободи.
Денес, автомобилот повторно го следи духот на времето: тој е 100% електричен, над 88% може да се рециклира, паметно е интегриран со Google и повеќе од 50 апликации. Новата целосно електрична верзија Renault 4 E-Tech беше претставена на 14 октомври во Париз, а по тој повод беше лансирана и новата рекламна кампања.
„Овој филм го доловува наследството на Renault 4. Неговите препознатливи дизајнерски елементи како што се неговата предна решетка и тркалезни фарови, се разбира, но пред сè фактот дека игра активна улога во развојот на новите слободи од 1960-те години наваму. Да се обложиме дека Renault 4 E-tech исто така ќе го придружува развојот на слободите“ – истакнува Арно Белони, директор за маркетинг и глобален брендинг на Renault.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција Publicis Conseil.