Факултетот за општествени апликативни студии (ФУДШ) од Нова Горица и Факултетот за информатички студии (ФИС) од Ново Место, Словенија, вчера во Скопје одржаа заеднички ИНФО ден на кој присуствуваа средношколци, студенти, родители и претставници на академската заедница. Настанот го водеше професор д-р Борут Рончевиќ, декан на ФУДШ, кој зборуваше за додипломските, магистерските и докторските студиски програми на двата факултета и ги објасни условите и придобивките од студирање во Словенија.
Тој истакна дека можностите за студирање во Словенија се од посебно значење за младите од Македонија кои сакаат да стекнат конкурентни знаења и да изградат успешна кариера на европскиот и светскиот пазар на труд. „ФУДШ е познат по своите иновативни студиски програми кои ги комбинираат теоријата и практиката во различни области на општествените науки. Програмите по социјален менаџмент, медиуми и новинарство, психосоцијална поддршка и стратешки комуникации се дизајнирани да одговорат на потребите на современиот пазар на труд. ФУДШ е активен во интернационални академски мрежи, нуди учество во проекти и истражувања и овозможува развој на лидерски вештини кај студентите“, рече проф. д-р Рончевиќ.
На ИНФО денот детално беше претставен и ФИС (Факултетот за информатички студии), кој нуди напредни студиски програми и практична настава за студентите заинтересирани за информатика и компјутерски науки. „ФИС се издвојува со своите современи додипломски програми кои покриваат информатика, компјутерски науки и бизнис менаџмент во дигиталното општество. ФИС е познат по своите врвно опремени лаборатории и истражувачки центри кои овозможуваат работа со најновите технолошки алатки и примена на знаењата во реални проекти. Преку соработката со водечки ИТ компании, студентите стекнуваат практично искуство и се подготвуваат за конкурентен настап на глобалниот пазар на труд“, информираше проф. д-р Рончевиќ.
Тој ја објасни и можноста за хибриден модел на студирање, кој комбинира физичко присуство и онлајн настава, овозможувајќи флексибилност и адаптација кон потребите на студентите. „Овој модел е дизајниран да овозможи студентите да го комбинираат образованието со практично искуство или со работа, нешто што е особено важно за оние кои сакаат да стекнат професионални вештини уште за време на студирањето,“ додаде тој.
Проф. д-р Рончевиќ нагласи дека на Словенија не треба да се гледа само како на место за образование, туку и за личен и професионален развој. „ФИС и ФУДШ имаат развиено активни канали на соработка со јавниот и приватниот сектор, нудејќи можности за пракса на студентите, студентски работни позиции и директна соработка со водечки компании од ИТ, медиумите, бизнисот и јавната администрација. На овој начин, студентите ги учат современите технологии и теории и се обучуваат за реални предизвици, со стекнување искуство кое ќе отвори многу врати по дипломирањето,“ рече Рончевиќ.
Словенија нуди многу повеќе од диплома – нуди европско образование со висок квалитет, бесплатно студирање и интегрираност во светски научни кругови. „Овде, студентите стекнуваат знаење, практично искуство и можности за објавување трудови во водечки индексирани научни списанија,“ рече проф. д-р Рончевиќ пред присутните.
На ИНФО денот беше потенцирано дека студирањето во Словенија не треба да се гледа како еднонасочен процес на иселување, туку како двонасочен пат – можност за младите да стекнат европско образование и искуство, кои подоцна ќе ги пренесат во Македонија. „Сакаме да создадеме генерации професионалци кои ќе го градат мостот меѓу Македонија и Европа,“ рече д-р Рончевиќ, додавајќи дека ФУДШ и ФИС се подготвени да ги поддржат студентите во овој процес.
Постапките и критериумите за упис се јасни и транспарентни, а благодарение на билатералниот договор помеѓу Македонија и Словенија, студиите за македонските студенти се бесплатни. Ова важи за додипломските и за магистерските студии, додека докторските програми нудат напредни можности за истражувачка и академска кариера.
За повеќе информации за студиските програми и условите за аплицирање заинтересираните може да ги посетат официјалните веб-страници на двата факултета: www.fuds.si и www.fis.unm.si