Во неколку словенечки градови наскоро ќе бидат поставени иновативно дизајнирани пешачки премини, кои ќе создадат илузија за тродимензионалност и ќе изгледаат како физички пречки за возачите, па тие автоматски сопираат пред нив, а целта на акцијата е да се зголеми безбедноста на пешаците во сообраќајот.
Првите два вакви „лебдечки“ пешачки премини, односно „3Д зебри“, ќе добие градскиот округ во Велење каде има неколку училишта, а наскоро ќе бидат поставени и во Птуј и Љубљана.
„Горди сме што сме првата општина што го прифати ова решение и сигурен сум дека децата ќе бидат побезбедни поради ваквите пешачки премини“, изјави градоначалникот на Велење, Петер Дермол, за Словенечката телевизија.
Иницијативата за воведување на вакви премини е започната во соработка со локалните заедници и здруженијата за безбедност во сообраќајот од страна на една осигурителна компанија.
Идејата за тродимензионални зебри во Европа потекнува од Исланд, каде се појавија првите вакви пешачки премини во 2017 година, но не е прифатена насекаде. Во неколку германски градови, таквото решение беше отфрлено бидејќи не е во согласност со сообраќајните прописи.
Пред две години и во Сараево беа поставени неколку „лебдечки зебри“, но градските власти наскоро се откажаа од нив, враќајќи се на класичното решение.
Фото: zurnal24.si