Брендот за чоколадни производи Snickers неодамна лансираше нова реклама за шпанскиот пазар која потоа мораше да ја повлече поради бројните обвинувања за ширење на хомофобија.
Кратката реклама отпочнува со сцена во која шпанскиот геј инфлуенсер Алес Гибаја седи во бар на плажа и нарачува „секси џус од портокал“. Тоа ги збунува неговиот пријател и келнерот, кој потоа му подава сладолед Snickers. Откако Гибаја каснува еден залак од сладоледот, се претвора во крупен маж со дебел глас. Пријателот потоа го прашува дали се чувстува „подобро“, на што тој одговара потврдно. Крајот е проследен за познатиот слоган: „Ти не си ти кога си гладен“.
По нејзиното објавување, рекламата предизвика остри реакции од јавноста поради тоа што наводно испраќа порака дека хетеросексуалноста е „подобра“. Кон обвинувањата се приклучи дури и шпанската министерка за еднаквост, Ирена Монтеро.
На крај, шпанската подружница на Snickers се реши да ја повлече рекламата, издавајќи соопштение со извинување дека рекламата немала никакви хомофобични намери, туку сакала на еден „пријателски и хумористичен начин“ да покаже како гладта „може да го промени карактерот“. Кон извинувањата со свое соопштение се приклучи и матичната компанија на брендот, Mars Wrigley.