Со кампањата Шанса за живот на ОКТА, Интензивниот оддел на Клиника за Детски болести во Скопје доби нова опрема. Последната од неколкуте донации што се спроведоа во рамките на кампањата се состои од апарат за фототерапија кај бебињата, комплети за нормално дишење на новороденчињата, вакуум аспиратори и сонди за пулсоксиметари. За време на кампањата што траеше речиси две години беа набавени и нов инкубатор и бебји терм, а беше извршено сервисирање на три постоечки инкубатори, аспиратори и перфусори. Донираната медицинска опрема значајно придонесе кон подобрување на состојбата на Интензивниот оддел, а со тоа и зголемување на капацитетот за прием на новороденчиња кои се раѓаат со компликации.
„Пред две години започнавме кампања со која сакавме да помогнеме онаму каде помошта беше најпотребна. Кампања која има за цел постигнување на корисни решенија за целата заедница. Денес, судејќи според бројот на граѓани, компании и организации кои активно ни ја дадоа својата поддршка, убедени сме дека иницијатива што решивме да ја преземеме, навистина направи разлика. Можам да кажам дека благодарение на поддршката од целата јавност, успеавме да направиме видлива, позитивна промена и со тоа дадеме вистинска шанса на новороденчињата од одделот за Интензивна нега. Би сакал да се заблагодарам на сите кои веруваа во нашата цел, бидејќи без придонесот на секој еден од вас, кампањата „Шанса за Живот” немаше да биде толку успешно спроведена. Особена благодарност упатувам и до директорката на Клиниката за детски болести, г-ѓа Аспазија Софијанова и нејзиниот тим за довербата, како и одличната соработка која ја имавме изминатиов период”, изјави главниот извршен директор на ОКТА, Јанис Геруланос.
Со оваа последна донација завршуваат и активностите поврзани со кампањата. Во изминатите две години Шанса за живот доби голема поддршка од медиумите во земјава додека над 50 јавни личности се приклучија и повикуваа на акција. Кампањата ја следеа над 17.000 граѓани на социјалните мрежи, а 20-тина компании со сопствени донации се придружија во остварувањето на оваа цел.
„Би сакала да искажам голема благодарност од име на Детската клиника кон сите што беа дел од оваа кампања. Иницијативата започна од компанијата ОКТА, но беше прифатена од граѓаните и затоа имаме голема промена во одделот за Интензивна нега на Детската клиника. Шанса за живот започна како иницијатива поради ограничениот капацитет на Интензивниот оддел што се јави како реален проблем поради зголемениот број на случаи на предвремено родени и новороденчиња со компликации. Имавме зголемен број на случаи, а капацитетот на одделот беше ист со години. Но, со кампањата успеавме да го опремиме Одделението за Интензивна нега, а со тоа ја подобривме и ефективноста во справување со комплицираните случаи. Одделот е од суштествено значење во земјава, бидејќи е единствен од ваков тип”, изјави Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за Детски болести во Скопје.
Во конкуренција од 9 земји кампањата Шанса за живот, доби Меѓународна награда за најдобра општествено одговорна практика во измината година, од страна на Делегацијата на Европската унија во земјава. Минатата година компанијата ОКТА за кампањата Шанса за живот се стекна со признание за успешно спроведена општествено одговорна пракса и од Министерството за економија.