Што би рекле кога би ви кажале дека постои социјална мрежа слична на Фејсбук која на своите корисници им плаќа за времето поминато на неа? И не само тоа, им плаќа за секој коментар, објава или лајк? Станува збор за социјалната мрежа Minds, која постои од 2015 година и има само околу 1 милион корисници. Велиме само затоа што во споредба со 2 милијарди корисници на Фејсбук навистина не звучи многу.
На Minds можете да објавувате свои фотографии, статуси, да коментирате на туѓи или едноставно, да комуницирате со пријателите. Но, кога некој ќе коментира ваша објава, Minds ќе ве награди со токен. Тие токени не можете да ги замените за вистински пари, но можете да ги искористите на самата мрежа или да платите оглас кој ќе им се прикажува на други корисници или да платите на некој корисник да ја споделува вашата објава со своите пријатели.
За разлика од Фејсбук, каде што огласувачите можат да бираат на кои корисници ќе им се прикажува некој оглас, на Minds го нема тоа. Ако платите оглас, тој ќе се прикажува на ѕидот на случајно избрани 1.000 корисници за секој токен кој ќе го потрошите. Овој начин на промовирање содржини на Minds помага секогаш да е видливо точно кој ја плаќа промоцијата. Тоа е еден од аспeктите на кои се посебно горди – отвореноста и децентрализацијата.
Минатиот месец во Minds почнаа да тестираат претворање на токените во крипровалутата Minds токен, која се базира на етереум. Идејата е во иднина корисниците да можат собраните токени да ги претворат во некоја од криптовалутите или дури во вистински пари. Концептот на кој работи Minds – плаќање на луѓето за нивното време и податоци – е се попривлечен и за корисниците и за другите социјални мрежи.
Кој знае, можеби во иднина ќе можеме да заработуваме од коментарите на нашите фотографии од годишниот огмор или од споделувањето на интересни содржини. Затоа што, ако социјалните мрежи заработуваат на нашите податоци, зошто и ние не би добиле нешто од тоа?