Пивскиот бренд Corona постави уникатен билборд во англискиот крајморски град Брајтон, како дел од огласувачките активности за кампањата „100% Природно“.
На видеото споделено од адвертајзинг магазинот The Drum, гледаме еден навидум обичен жолт билборд со етикета на Corona, поставен на дрвена рамка, од чија лева страна расте лијан. Но, овој билборд содржи една „тајна“ порака, која се открива само со помош на сончевите зраци во специфичен дел од денот.
Имено, за време на „златниот час“ на зајдисонцето во Брајтон, совршено помеѓу 18:30 и 18:45, сончевите зраци паѓаат така врз лијанот, што на билбордот се појавува силуета на шише пиво заедно со пораката “Made From the Natural World” („Направено од природниот свет“).
„Неверојатниот дизајн значи дека навистина сме се откажале од контролата, дозволувајќи ѝ на моќта на сонцето да завладее, фрлајќи светлина врз убавината и придобивките од користењето 100% природни состојки. И каде подобро да се постави овој иновативен билборд отколку во гужвата на Брајтон, неодамна крунисан како најеколошки и најсвесен град за одржливост во Обединетото Кралство“, појаснува Ирини Комодикис, маркетинг директорка на Corona за Европа.
Кампањата е осмислена од страна на агенцијата Wieden+Kennedy, а реализирана со помош на агенцијата Sketch.