Традиционално, по шести пат, минатиот викенд во Градскиот парк во Скопје се одржа хуманитарна трка во рамките на инцијативата IT4Charity 2024, преку која ИТ компаниите донираа а нивните тимови трчаа и рециклираа за поддршка на мисијата на СОС Детско село.
Иницијативата, која привлече голем број на учесници и поддржувачи, покажа како ИТ секторот во земјава може да се обедини за заедничка цел и да направи значајно влијание врз општеството. Оваа година, околу 250 ентузијасти од 23 ИТ компании ја покажаа и докажаа својата хуманост, обединети и сплотени трчаа за најранливата категорија во општеството – децата без родители и родителска грижа.
„Презадоволни и преблагодарни сме. Годинава ги надминавме сите досегашни резултати, и по бројот на компании донатори, и по бројот на пријавени учесници, но и по собраните средства. Особено сме горди што 9 нови компании ја препознаа мисијата на СОС Детско село и ја поддржаа овогодинешната хумана донаторска инцијатива IT4Charity“ – велат од СОС Детско село.
Покрај хуманитарната трка, оваа година беше воведена и нова еко компонента во соработка со ПАКОМАК – рециклирање на пластика и лименки. Преку вендинг машините на Пакомак и апликацијата Екомак, околу 100 вработени од ИТ компаниите рециклираа и донираа за СОС Детско село.
„Со воведувањето на еко компонентата во иницијативата IT4Charity, сакаме да направиме позитивен импакт не само за децата од ранлива категорија, туку и за животната средина. Преку личен пример, сакаме да пратиме порака дека не е само важно да се грижиме за децата туку важно е и каков свет ќе им оставиме, важно е и да ги научиме преку личен пример дека грижата за себе подразбира и грижа за светот, природата, околината во која живееме” – изјавија од СОС Детско село.
Благодарение на ангажманот на компаниите и нивните вработени, собрани се значителни финансиски средства кои ќе бидат насочени кон обезбедување професионална помош на 80 згрижувачки семејства кои се грижат за над 140 деца без родители и имаат потреба од континуирана поддршка; за семејствата да ги зајакнат своите вештини за грижа и психосоцијална поддршка за прилагодување на децата во новата средина.
СОС Детско село искрено им се заблагодарува на ИТ компаниите SINGULAR, ARISTOCRAT INTERACTIVE, COGNISM, CAP CARGO, EMBED SOCIAL, VALTECH, SLICE, CASYS INTERNATIONAL, VECTOR 8, INFINITE SOLUTIONS, HORNEC SECURITY, VASS MACEDONIA, TARMAC, QINSHIFT, VERINT, FOXIT, AXIANS, SIMPHONY DIGITAL, KIN+CARTA, TELESMART, NEXTSENSE, KONTRON и PROXIAD за нивната поддршка на оваа хуманитарна иницијатива.
Исто така, изразуваме благодарност до компаниите кои го поддржаа настанот и помогнаа во неговата реализација: Алкалоид, Нептун, Пивара, Битолска Млекара, Виталиа, Винчини, Зегин, DJ Гоце Саф и AK Fortius, како и до медиумските партнери – асоцијацијата за електронска трговија E-commerce, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ и порталот IT.mk.
Организаторите на IT4Charity 2024 изразуваат надеж дека оваа долгорочна традиција, која ги спојува хуманоста и општествената одговорност, ќе продолжи да се развива и негува и во иднина.
Повеќе фотографии од настанот погледнете во галеријата на следниот линк .