Финансискиот бренд American Express ја објави својата нова Божиќна кампања наменета за британскиот пазар насловена “Perfect present” („Совршен подарок“).
Централниот едноминутен спот на кампањата е замислен како мјузикл во кој гледаме маж кој е во потрага по совршениот Божиќен подарок за својата мајка. Во песната го придружуваат и други луѓе, кои исто така се во потрага по соодветен подарок за своите блиски.
Мислите на главниот лик во врска со различните потенцијални подароци кои тој ги разгледува се претставени на еден хумористичен начин преку наслови на книги и светлечки реклами на излози. На крај, човекот успева да најде нешто соодветно во една златара – ланче со привезок во форма на домашниот миленик на неговата мајка.
Спотот завршува со радосна сцена во која мајката го прима подарокот, а тука секако е и саканиот домашен миленик кој му се фрла во прегратките на синот.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција DentsuMB и продукциската куќа Smuggler, додека пак медискиот закуп е задача на UM London.