Германското здружение за улична уметност The Cultural Heirs ја одбележува 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид преку создавањето на фонт базиран врз оригинални графити испишани на ѕидот.
Фонтот бил создаден со помош на берлинската агенција Heimat и содржи 26 букви превземени од уличната уметност. По повод кампањата беше ланисиран и микро-сајт, Voice of the Wall („Гласот на Ѕидот“), каде посетителите може да прикачуваат свои текстови и слогани за слободата и да ги споделуваат на социјалните медиуми. Текстовите потоа ќе бидат собрани во една книга која ќе биде испратена до актуелните светски лидери.
Фонтот се промовира и преку спот во кој „гласот“ на ѕидот ги раскажува ужасите кои ги има посведочено. Според, Heimat, процесот на создавање на кампањата бил комплексен и траел преку три месеци работа и фотографирање на остатоците од ѕидот.
„Уличната уметност може да има драматично влијание врз културата и создавањето на кампања која ја слави слободата и предупредува на опасноста од поделбите, сé со цел да се одбележи оваа важна годишнина, навистина има големо значење за нас. Се надеваме дека овој проект ќе ја потсети јавноста за нашата тешко добиена слобода, која мора да ја негуваме и славиме,“ истакнува Матијас Сторат, генерален креативен директор на Heimat, во соопштение по повод лансирањето на кампањата.