Стриминг платформата Spotify веќе неколку години со ред во декември го објавува својот традиционален преглед на изминатата година, преку кампањата „Wrapped“ („Завиткано“, како подарок) во чиј фокус се слушачките навики на корисниците.
Овогодишната тема на кампањата е издржливоста на луѓето во една тешка година, како и благодарноста која треба да ја имаме кон луѓето кои ни помогнаа да ја одржиме сопствената здраворазумност, вклучувајќи ги уметниците, подкастерите, слушачите, па дури и составувачите на плејлисти кои нé забавуваат со содржините кои ги создаваат.
Кампањата на Spotify, замислена како „глобалан круг на благодарност“, вклучува активности и содржини на социјалните медиуми и out-of-home реклами, комбинирајќи слики од музичари и подкастери со некои статистички опсервации за навиките на слушателите во 2020 година.
Компанијата создаде и серија од неколку филмови, во кои зборот им го отстапува на самите корисници да им се заблагодарат на своите омилени изведувачи. Spotify исто така покани поголем број на инфлуенсери да создадат плејлисти како рефлексија на нивните искуства од годината што изминува.
Целата кампања е создадена од страна на сопствениот маркетинг и продукциски тим на компанијата.