Стриминг-сервисот Spotify склучи ексклузивен договор со најголемиот подкаст во светот, “The Joe Rogan Experience”, чиј домаќин е американскиот комичар Џо Роган.
Подкастот досега можеше да се гледа, односно слуша на повеќе платформи, пред сé YouTube и Apple Podcasts, но од крајот на годината тоа ќе биде можно само на Spotify.
Според соопштението на двете страни, од 1 септември ќе има транзициски период во кој подкастот ќе може да се гледа/слуша на сите досегашни платорми плус Spotify, додека пак кратките клипови со извадоци од подкастот ќе продолжат да бидат достапни на YouTube и по неговото целосно префрлање на Spotify.
Подкастот ќе биде бесплатно достапен за сите корисници на Spotify, но ќе има поголем рекламен простор кој ќе почне да се продава од септември преку партнерство со агенцијата PMM.
Spotify со овој потег се надева дека ќе го надмине Apple Podcasts како најголема подкаст-платформа во светот, а со тоа ќе го има и најголемиот дел од колачот на подкаст адвертајзинг кој се очекува следната година во САД да достигне 1 милијарда долари.