Платформата за стримување на аудио содржини Spotify соопшти дека отпочнува со воведување на музички видеа. Според компанијата, оваа функција е сè уште во „бета“ верзија, со ограничен каталог на песни, изведувачи, корисници и достапност на светските пазари.
Кон музичките видеа ќе се пристапува преку интерфејсот “Now Playing” („Сега се репродуцира“) на поддржаните песни, каде што иконата “Switch to Video” („Префрли на видео“) ќе се појави над насловот на песната. Со кликнување на неа, песната ќе се рестартира и ќе почне да се репродуцира нејзиното музичко видео во центарот на екранот.
Со ротација на мобилниот уред, видеото може да се прошири на цел екран. Со кликнување на “Switch to Audio” („Префрли на аудио“), овозможено е враќање на почетниот, потрадиционален, интерфејс “Now Playing” („Сега се репродуцира“).
Покрај мобилните уреди со iOS и Android, од Spotify велат дека музичките видеа ќе можат да се гледаат и на десктоп и ТВ уреди.
Целта на оваа нова функција, како што објаснуваат од компанија, е да им се даде на уметниците уште еден начин да ги привлечат слушателите и да ги претворат во обожаватели.
Функцијата моментално е достапна на единаесет пазари: Обединетото Кралство, Германија, Италија, Холандија, Полска, Шведска, Бразил, Колумбија, Филипини, Индонезија и Кенија. Притоа, услугата засега е достапна само за Premium претплатници на Spotify.