Со формирањето на Националната асоцијација за етички стандарди во огласувањето (NAESO), Србија доби важно саморегулаторно тело кое во партнерство со сите чинители на пазарот на медиуми, државни институции, професионални здруженија и меѓународни организации ќе работи на промоција на етичките стандарди во огласувањето и маркетинг комуникациите.
NAESO е регистрирана минатата недела, а во оваа прилика во хотелот Мариот во Белград на 11 април, се одржа свечена седница на која вкупно 16 компании и претставници на неколку здруженија потпишаа писмо на намери. Членовите на NAESO се правни лица чии активности се поврзани со рекламирање, додека како придружни членки и партнери може да се најдат и непрофитни, невладини организации и здруженија.
Почитувањето и примената на етичките стандарди во рекламирањето ќе придонесе за подобрување и развој на медиумскиот пазар во Србија, а во корист на сите засегнати страни – огласувачите, маркетинг агенциите, медиските издавачи и потрошувачите. Во работниот план на асоцијацијата, презентиран на присутните, посебно внимание се посветува на пристапувањето во Европската алијанса за стандарди во огласувањето (EASA).
“Воспоставувањето на саморегулаторно тело е важен чекор во регулирањето на односите во областа на маркетинг комуникациите и рекламирањето. На него му претходеше изготвување на Кодекс за маркетинг комуникации кој беше во согласност со локалните и европските регулаторни принципи и на кој работеше стручен тим неколку години наназад. Континуираната комуникација со колегите од различни европски земји и партнери во овој сектор овозможи да созрее идејата за создавање на ова тело и сега тоа да се реализира “, изјави Ванда Кучера, координатор на работната група за формирање на NAESO.
“Својата мисија NAESO ќе ја остварува преку обезбедување на стручни совети и толкувања во врска со спроведување на Кодексот за маркетинг комуникации, проверка на жалбите на сметка на рекламните пораки и кампањи, постојани едукативни активности, како и соработка со сите организации и асоцијации кои се заинтересирани или можат да дадат одредена експертиза. Во оваа фаза е особено важно сите оние кои се занимаваат со маркетинг комуникации да ги препознаат придобивките од саморегулацијата и да ја поддржат работата и развојот на NAESO”, изјави Јелена Ивановиќ, извршен директор на новоформираната асоцијација.