Градот Берлин направи јавна кампања што ги разбранува духовите во главниот град на Германија, но и пошироко. Имено, на прв поглед, станува збор за веќе видена реклама за носење маски. Главниот лик е баба која носи цветна маска, но со една важна разлика. Оваа баба го држи средниот прст и не изгледа воопшто љубезно, а натписот на рекламата гласи „Среден прст за секој што не носи маска – ги почитуваме правилата за корона“.
Кампањата започна во септември и ќе трае до март 2021 година, имајќи предвид дека рекламите најпрвин се појавија во јавниот превоз. Кристијан Тенцлер, портпарол на Визит Берлин, кој е идеен креатор на голем број реклами за носење маски, откри за Си-Ен-Ен дека целта на фотографијата е да ги шокира луѓето и да го привлече нивното внимание.
– Повеќето луѓе во Берлин ги почитуваат правилата, но постои одреден мал дел што не го прави тоа и тие ги ризикуваат животите на другите луѓе – животот на постарите граѓани, како и оние кои имаат поголем ризик од заболување. Сакавме да дадеме особено внимание на овој проблем – рече тој и изјави дека берлинците се познати по својата директност.
– За целата кампања избравме јазик што луѓето го разбираат. Не сакавме да звучиме дека „мора да го правите тоа и тоа“, но сакавме да го привлечеме нивното внимание со берлински хумор – посочи тој.
Тенцлер рече дека некои луѓе, претежно оние кои не можат да носат маски од медицински причини, се пожалиле на кампањата, но повеќето реакции се позитивни. За потсетување, денес во Германија е забележан рекорден број нови случаи. Маските се задолжителни во затворен простор, а можни се и нови мерки поради зголемувањето на бројот на заболени.