Со појавата на корона вирусот, се постави прашањето како луѓето би реагирале во ситуација на епидемија и што е најважно, како би купиле здрава и проверена храна додека трае оваа вонредна ситуација. Еден американски стартап има идеја како да се справи со ова, а во САД обезбедува услуга за испорака на намирници без човечка интеракција.
Стартапот Instacart со седиште во САД, им дава можност на корисниците да нарачуваат намирници без луѓето да имаат допир едни со други. Тие ја воведоа функцијата „Остави ја испораката пред мојата врата“, каде што доставувачот и купувачот воопшто не се среќаваат. Оваа опција беше воведена пред неколку дена како еден важен чекор во сузбивањето на ширењето на корона вирусот. И други компании за испорака на храна предводени од идејата спроведоа слични услуги оваа недела. Останува да се види колку овој потег ќе има превентивно влијание врз заштитата од корона вирусот.
Испораката без човечка интеракција не е нова идеја, Американците ја презедоа од Кинезите, кои во последните неколку недели развија целосни стратегии за заштита и сузбивање на корона вирусот, кој прв се појави кај нив. Сите земји внимателно ја следат состојбата со овој нов вирус, додека големите компании ширум светот ги откажаа своите најголеми саеми и конференции, како што се MWC Barcelona 2020, Facebook F8 и многу други.