Нема сомнеж дека Стивен Спилберг е еден од најпознатите и најпризнати филмски режисери на нашата генерација, чија повеќедецениска кариера е одбележана со филмови како Jurassic Park, War Of The Worlds, E. T., Schindler’s List, Catch Me If You Can, West Side Story и многу други.
Но, иако многумина би помислиле дека нема што на познатиот режисер му останало за правење во светот на кинематографијата, Спилберг неодамна ја изненади индустријата со снимањето на своето прво музичко видео.
Се работи за триминутен видеоспот на песната “Cannibal” од првиот соло албум на британско-американскиот музичар Маркус Мамфорд. Притоа, спотот е целосно сниман со помош на iPhone.
„На 3 јули, недела, во една средношколска сала во Њујорк, Стивен Спилберг го режираше своето прво музичко видео, во еден обид, на неговиот телефон“ – откри Мамфорд пред неколку денови на Твитер.
Се работи за црно-бело видео во кое Спилберг постепено го „одзумира“ Мамфорд, додека не се открие поголемиот дел од просторијата која го опкружува, со столчиња неуредно наредени на масите од страна.
Покрај Стивен Спилберг кој е потпишан како режисер на видеоспотот, заслуги се доделени и на Спилберговата сопруга Кејт Капшо, потпишана како продуцент, арт директор и раководител на камера. Кристи Макоско Кригер е потпишана како продуцент и видеограф, а Кери Мулинган како костимограф и звучен инжинер.