На 41-то издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, познатиот македонски режисер и сценарист Столе Попов ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, изработена од страна на Божиновски часовници и накит.
„Громогласен аплауз, не затоа што и оваа година ја имавме честа да ја изработиме „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ која ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија, туку затоа што оваа година особено сме горди што беше доделена на Столе Попов, еден од најзначајните македонски филмски режисери. Аплауз за сите негови филмски остварувања кои засекогаш ќе останат на врвот на македонската кинематографија, но аплауз и во име на оние кои онемеа и се плашат да ракоплескаат пред уметноста која извира од срцето на Македонија“ – се истакнува во честитката на Божиновски часовници и накит до Столе Попов.
Попов ќе остане запишан во историјата на македонската кинематографија преку легендарните филмски остварувања како „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“ и „До Балчак“. Во својата богата и долгогодишна кариера, режисерот бил добитник на повеќе светски и регионални филмски награди, вклучувајќи и номинации за најпрестижната филмска награда во светот – „Оскар“.
Од Божиновски часовници и накит додаваат дека и понатаму ќе продолжат да бидат горди поддржувачи на македонската кинематографија и дека секое ново македонско филмско остварување е вредно за почит и восхит.