Мексиканската компанијата Grupo Modelo, објави дека привремено ќе биде стопирано производството на нивниот најпознат бренд, пивото Корона кое се извезува во 180 земји, затоа што во согласност со мерките на Владата во борба против ширењето на корона вирусот, оваа дејност е прогласена за нестратешка.
Мексиканската влада оваа недела прогласи вонредна состојба, откако бројот на случаи на заразени со вирусот во оваа земја надмина илјада и одлучи да ја стопира работата на сите сектори кои не се од витално значење за нормалното функционирање на земјата. Според овие мерки, компанијата ќе треба да го прекине производството на својот најпознат бренд на пиво, Корона.
Од пиварата наводоа дека во тек се подготовките и прилагодувањето на производните капацитети за да се продолжи со производство без одложување, кога ќе помине вонредна состојба.
„Ако федералната влада одлучи да издаде дополнителни упатства и да го стави пивото на листата на дозволени агроиндустриски производи, компанијата е подготвено да го продолжи производството иако повеќе од 75 проценти од нашиот персонал работи од дома“, се додава во соопштението.
По одлука на владата, сите гранки поврзани со земјоделството и производството на храна се сметаат за витални и нема да бидат прекинати, па затоа компанијата се надева дека доколку се најдат на оваа листа ќе можат да продолжат со производство на своето познато пиво Корона.
Компанијата Grupo Modelo е дел од групацијата Anheuser-Busch InBev од Белгија и поседува 11 пиварници на територијата на Мексико.