Стриминг сервисот Disney+ достигна 94.9 милиони претплатници за помалку од 14 месеци од неговото лансирање, открива најновиот квартален извештај на The Walt Disney Company.
Според компанијата, сервисот Disney+ додал 8.1 милиони претплатници само во текот на декември – главно по заслуга на оригиналната серија The Mandalorian и филмот Soul на Pixar.
Стриминг платформата има витално значење во одржувањето на компанијата, со оглед на тоа што таа прикажала профит од само 29 милиони долари во последниот квартал, што претставува пад од дури 99% од профитот од 2.1 милијарди долари забележан во истото време претходната година. Падот во голем дел се должи на затворањето на забавните тематски паркови на Disney поради пандемијата.
Платформата Disney+ привлече 10 милиони претплатници на самиот ден на нејзиното лансирање во ноември 2019 година, но притоа првичните проценки беа дека ќе достигне 90 милиони претплатници дури во 2024 година.
Покрај именуваната платформа, во сопственост на Disney се и стриминг сервисите Hulu и ESPN+, кои 2020 година ја завршија со 39.5 милиони претплатници, односно 12.1 милиони претплатници, соодветно. Со тоа, вкупниот број на претплатници кон платформите на Disney изнесува 146 милиони.
Сепак, водечка стриминг платформа во светот е сé уште Netflix, која минатата година достигна бројка од преку 200 милиони претплатници на глобално ниво.